Минималната кошничка за февруари достигна 63 773 денари, од јануари зголемена за над 500 денари

За да покрие основните трошоци, на едно четиричлено семејство во февруари годинава му се потребни 63 773 денари. Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), вредноста на минималната синдикална кошничка за тековниот месец е за 521 денар поголема од јануари кога изнесуваше 63 252 денари.
„Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, изнесува 79 148 денари“, додаваат од ССМ.
Најголем дел од трошоците одат за храна и пијалаци, односно, според пресметката на ССМ, 23 427 денари.
За плаќање станарина, вода, електрична енергија и греење, едно четиричлено семејство во февруари годинава треба да одвои 6 096 денари од својот буџет. За облека и обувки 5 800 денари, за лична хигиена и одржување хигиена во домот треба да се одвојат 2 195 денари, за здравје 1 135 денари, а за транспорт 4 844 денари.
„За комуникации, на едно четиричлено семејство во февруари годинава му биле неопходни 3 417 денари, за рекреација и култура 4 592 денари, за образование 7 036 денари, за ресторани и хотели 4 131 денари, а за останати стоки и услуги 1 100 денари. Доколку живеат во изнајмен стан, потребни им се дополнителни 21 471 денар“, посочуваат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Во јануари годинава минималната синдикална кошничка изнесуваше 63 252 денари.