Министерство за екологија, 50 милиони евра заем за регионални депонии

Во јуни се очекува земјава да позајми 50 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, пари со кои ќе се градат регионални депонии во земјава, за што се зборува веќе неколку години. Во Свети Николе е планирано да се гради една од регионалните депонии, но изборот на овој град за изградба на регионална депонија не беше пречекан од челниците на општината со радост. Министерот за животна средина вели дека депонијата во Свети Николе е барање на 18 општини и истата ќе се гради со грантови од Европската Унија.
„Свое мислење има и градоначалникот на Свети Николе. Сепак, среќен сум што уште 18 општини бараат од нас да продолжиме со реализација на проектот. Станува збор за проект кој ќе чини околу 40 милиони евра. Најголем дел од тие пари се од Европската Унија, во форма на грантови. Она што е важно да се знае е дека депонијата ќе ги исполнува меѓународните стандарди. Самата ЕУ не би ни дозволила да изградиме депонија што не ги задоволува стандардите, изјави Насер Нуредини – министер за животна средина
Стотици диви депонии низ државата никако да се отстранат еднаш и засекогаш. Дури и да се исчистат, ќе биде потребно многу време за земјата да се обнови.. Само од 6-8 мај повеќе од 7 илјади волонтери собраа околу 185 тони отпад за време на пролетната акција „Викенд за чистење“. Се проценува дека секој волонтер собрал околу 25 килограми отпад.
Целта на активистите е до 40-годишнината од независноста во земјава да нема повеќе диви депонии. /Алсат.мк
Еви Шкопи