Министерство за информатичко општество и администрација во соработка со УСАИД започнува со имплементација на проектот за сајбер безбедност на критична инфраструктура

“Технологијата има потенцијал да ја подобри демократијата, да ја зголеми нејзината ефикасност, да ја направи поотворена, поодговорна, потранспарентна и поприсутна за граѓаните, за бизнисите, за сите нас. Но, од друга страна, технологијата може да се манипулира и може да се користи за злонамерни цели” го отвараше говорот министерот Шаќири во средбата со претставници од повеќе министерства.
Со цел зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност на државата, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) на Република Северна Македонија и УСАИД во соработка со Тетра Тек ЕС, АД (Тетра Тек) – американска компанија, продолжуваат со активности поврзани со критична инфраструктура и подобрување на сајбер безбедноста во земјата.
Владата на Република Северна Македонија е посветена на подобрување на превенцијата, подготвеноста, одговорот и закрепнувањето од заканите за сајбер-безбедноста врз критичната инфраструктура и клучните ресурси, како што се енергетските комунални услуги, ИКТ мрежите и финансиските институции.
Преку оваа соработка, МИOА ќе ги координира клучните актери во Северна Македонија, вклучително и Владата и приватниот сектор, за заштита на критичната национална инфраструктура од сајбер напади.
“Оваа соработка ќе ги зајакне човечките и технолошките капацитети за сајбер безбедност низ критичните инфраструктурни субјекти и клучните ресурси, ќе ги подобри комуникациските протоколи за сајбер безбедност низ секторите и ќе ја зголеми отпорноста и подготвеноста на државата да се справи со закани по сајбер безбедноста” истакна министерот Шаќири.
На денешната средба со претставници од повеќе министерства беа пријавени досегашните активности, како и се дискутираше за активностите од наредниот период во текот на 2021 година.