Министерството за администрација сè уште го нема подготвено годишниот извештај во кој треба да бидат објавени податоци за структурата на јавната администрација
Министерството за администрација сè уште го нема подготвено годишниот извештај во кој треба да бидат објавени податоци за структурата на јавната администрација

Министерството за администрација сè уште го нема објавено годишниот извештај од Регистарот на вработените во јавниот сектор, кој традиционално се објавува на почетокот на април. Извештајот се очекува со особено внимание, бидејќи покрај бројот на вработени во администрацијата, треба да ја прикаже и етничката застапеност.
Од Министерството за администрација, доцнењето со објавата на овој извештај го оправдуваат со унапредувањето на системот за управување со човечки ресурси. Во моментов, велат дека извештајот е во финална фаза, а целта е да се објават квалитетни и прецизни податоци.
Сепак, засега не е познато како ќе се прикаже етничката застапеност во администрацијата, имајќи предвид дека Уставниот суд го укина Балансерот — единствениот механизам што водеше сметка за застапеноста на заедниците во администрацијата. Ова го прави проблемот уште посложен, бидејќи, според насоките на Уставниот суд, веќе 7 месеци вработувањата во администрацијата се реализираат без графа за етничка припадност. Сепак, министерот за администрација Горан Минчев, како и други владини претставници, во неколку јавни настапи потенцираа дека се почитува начелото на правична застапеност на заедниците, бидејќи тоа е предвидено со Уставот. Но, Народниот правобранител, кој исто така собира податоци за етничката застапеност во администрацијата, алармираше дека има информации оти во овој период вработувањата се вршеле без да се почитува начелото на правична застапеност на заедниците.
„Нашите информации покажуваат дека веќе има отстапки од ова определување, каде што ова право не се почитува, и затоа апелирам до Владата и до Парламентот што побрзо да се надмине оваа правна празнина, да се донесе долго најавуваниот закон за правична и соодветна застапеност, со што ќе се спречи деформирањето на процесот на спроведување на уставното определување за правична и соодветна застапеност. Информациите доаѓаат од речиси сите органи на државната администрација, почнувајќи од министерствата, дирекциите и различните установи“, рече Насер Зибери, Народен правобранител.
Во меѓувреме, Владата продолжува со одолговлекување на решението на овој проблем, ветувајќи дека тоа ќе се спроведе преку закон кој треба да го замени Балансерот. Сепак, законското решение ќе претставува предизвик, особено имајќи го предвид упатството на Уставниот суд да не се бара етничката припадност на кандидатите при вработување и да не се води евиденција за тоа. Партиите на власт ветуваат дека ова ќе го надминат преку Венецијанската комисија каде што законот треба да биде испратен на мислење пред да се гласа во Собранието.
Една од причините за укинувањето на Балансерот беше и злоупотребата на етничката припадност, односно случаи кога граѓани лажно се пријавувале како членови на друга заедница само за да се вработат. Од друга страна, државата немала законски механизми за да ја спречи оваа злоупотреба. Имало и критики за пристапот каде што етничката припадност имала приоритет пред квалитетот на кандидатите./Алсат.мк
Суад Бајрами