ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Министерството за економија засега не може да одлучи да ѝ ја одземе концесијата на фирмата која ископува песок од Пчиња

Доделената концесија спротивно на Законот за води, не е доволна причина за Министерството за економија да ѝ забрани на фирмата „Еуропрогрес“ да копа песок и чакал од реката Пчиња во скопско Средно Коњари. Од Министерството информираат дека ќе чекаат Државниот инспекторат за екологија евентуално да констатира повредување на еколошките прописи, па дури тогаш да размислуваат за одземање на концесијата. Инаку фирмата „Еуропрогрес“ веќе 10 години на ова место ископува песок од Пчиња.

Advertisements

„Согласно Законот за минерални суровини ако концесионерот ги прекрши прописите од областа на животната средина, има основ Министерството за економија да изготви Предлог Одлука за раскин на концесијата, но на предлог на органите од државната управа надлежни за работите од животната средина“, наведуваат од министерството за економија.

Неправилностите за кои говорат инспекторите се во врска со постапката за продолжување на дозволата издадена во 2019 година. За ископот, велат, немало и програма за заштита на животната средина. Дополнително, според податоците на Управата за хидрометеролошки работи, границите на концесијата влегувале во зоната на излевање на Пчиња. Но, сопственикот на „Еуропрогрес“ Ќазим Османовиќ за Алсат денеска соопшти дека фирмата работи во согласност со процедурите.

„Не само во изминатиот период, туку години наназад, постоајно сме под третман и контрола на инспекции од различни надлежности, кои како редовно, така и вонредно вршат контроли и составуваат записници. Никогаш не е пронајдено нешто што е надвор од она кое е дозволено“, вели Ќазим Османовиќ, „Еуропрогрес“.

Јавноста се заинтересира за случајот откако жители од Средно Коњари се пожалија дека поради вадењето песок од спорната локација, им се празнат бунарите и им се уништува плодно земјоделско земјиште.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button