Министерството за образование прифати да има олеснувања на испитот за државна матура

Државната матура оваа учебна година ќе се реализира со скратени програми заради кризата со Ковид 19. Ова го соопшти министерката за образование, Мила Царовска по средбата со претставниците на Унијата на средношколци, по барањето учењето од далечина да не биде вклучено во завршните испити.
„Ние разбираме дека постои страв и неизвесност кај средношколците за безбедноста и самиот процес на подготовка, но затоа сме тука. Првата одлука што ја донесовме е да ги скратиме програмите според кои ќе се одржат испитите за државна матура со цел испитот да биде ефективен и организиран“.
И покрај олеснувањата најавени од министерката Царовска, Унијата останува на ставот дека квалитетот на учењето од далечина е многу низок.
„Квалитетот на образованието е навистина на многу ниско ниво. Јас би рекол дека наликува на расипано јаболко. Однадвор изгледа убаво заради публицитетот што го направија Владата и образовните институции. Но, одвнатре е скапано и синџирот на образовниот процес не функционира правилно.
Министерката Царовска, пред неколку дена рече дека второто полугодие од учебната година може да продолжи онлајн, бидејќи моделот за спроведување на наставата покажал резултати. Како што рече Царовска, учениците ќе се вратат на училиште кога ќе се создадат сите услови и тоа ќе зависи од ситуацијата со Ковид 19.
Melihate Rustemi