Министерството за внатрешни работи не било ниту информирано, ниту надлежно за употребата на пиротехнички средства во дискотеката „Пулс“ во Кочани
Министерството за внатрешни работи не било ниту информирано, ниту надлежно за употребата на пиротехнички средства во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во емисијата за „Само интервју“ на Канал 5 рече дека Министерството не било ниту информирано, ниту надлежно за употребата на пиротехнички средства во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што пак досега официјално е причината за трагичниот пожар во кој загинаа 62 лица. Тошковски рече дека трагедијата открила систем кој години наназад бил граден со корупција, но за време на кобната ноќ, во делот за користењето на пиротехничките средства, истакна дека МВР не можело да реагира без претходно да било известено за тоа.
“Законските одредби предвидуваат дека за да Министерството за внатрешни работи издаде одобрение, согласност и така натаму, мора прво некој да го побара. Во конкретната ситуација такво барање не е доставено од никого, ниту од страна на оние коишто ги употребиле ниту од страна на менаџерите на клубот”, велат од Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Во интервју за телевизија Алсат пак ден претходно, државниот јавен обвинител рече дека истрагата за пожарот ќе заврши во законскиот рок – до 17-ти јуни. Во однос на тоа зошто Обвинителството не реагирало на злоупотребите во дискотеката во минатото, Коцевски прстот го впери токму кон МВР.
„ Јавното обвинителство не е превентивен орган, јавното обвинителство е репресивен орган, што значи дека јавното обвинителство по допрен глас не може да оди и да бара одобрение дали дискотеката работи или не, тоа е надлежност на другите институции. Допрен глас е институт сосема друг, откако ќе се случи нешто тогаш јавното обвинителство постапува. Што значи допрен глас во конкретниот случај да јавното обвинителство реагира дали има одобрение или нема одобрение дискотеката, не е надлежност, туку се надлежни другите институции„, рече Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител.
Истрагата за пожарот во Кочани ја води тим од 13 обвинители, а досега вкупно осомничени се 68 физички и три правни лица. Проширената истрага опфаќа тројца поранешни градоначалници на Кочани, поранешен министер за економија и други лица од ова министерство, актуелен и поранешни директори на дирекцијата за заштита и спасување, како и поранешна директорка на пазарниот инспекторат./Алсат.мк
Михаило Донев