Министрите на СДСМ не се плашат од реконструкција на владата

Министрите не стравуваат од најавите за промени во владиниот кабинет. По изјавите на пот-претседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи дека ќе се сменат некои министри од владиниот кабинет, членовите на Владата велат дека математиката на промените им припаѓа на лидерите. Министерот за здравство Венко Филипче, вели дека е фокусиран на справување со пандемијата.
Министерката за образование Царовска вели дека ќе ја почитува секоја одлука на мандатарот.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека е важно земјата да го продолжи евроатлантскиот курс, додавајќи дека се очекува во наредните денови да се интензивираат преговорите за проширување на парламентарното мнозинство.
Од ДУИ оценуваат дека се неопходни промени во владиниот кабинет, но не и од нивните редови.
„Го кажавме нашиот став дека нема потреба од промена на кадрите на ДУИ во сегашниот формат на Владата, но се подразбира дека во зависност од преговорите што ги прави претседателот на партијата со премиерот и претседателот на СДСМ, ќе се донесе одлука која ќе биде испочитувана од нас “, рече министерот Крешник Бектеши.
Од СДСМ изјавија дека се уште не е познат бројот на министри што ќе бидат сменети и дека потпретседателот Битиќи не дал конкретен број на ресори кои ќе претрпат кадровски промени. Во меѓувреме, во СДСМ продолжува дебатата за наследникот на Заев. Дел од медиумите повикувајќи се на веродостојни извори од редовите на социјалдемократите, го споменуваат името на Димитар Ковачевски, заменик министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ.
Од друга страна, премиерот Заев се уште го чека одговорот на лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, за средба за можноста партијата на Гаши да влезе во парламентарното мнозинство. Неофицијално, на Алтернатива и се понудени два ресори со кои моментално раководи СДСМ. Следниот вторник албанската опозициска партија го свика централното раководство за да одлучи дали ќе преговара или не со премиерот Заев, додека дотогаш се дознава дека Гаши ќе има средби со коалициските партнери Зиадин Села и Христијан Мицкоски.
Адријан Керими