
Синоќа немаше повеќе обилни врнежи и немаше нови проблеми на подрачјата Јабланица и Коњица во БиХ, кои минатата недела беа погодени од разорни поплави и одрони, соопштија утринава од Оперативниот центар за цивилна заштита Јабланица.
Поради временската прогноза според која ноќта меѓу вторникот и средата (денес) на овие места требаше да има обилни врнежи од дожд кои би можеле да предизвикаат нови одрони и повторно да ги загрозат животите на жителите на Доња Јабланица и околните села, како и места во областа Коњиќ, синоќа е наредена итна евакуација.
Оперативниот центар за цивилна заштита во Јабланица рано утринава соопшти дека ноќта поминала мирно и дека врнежи според очекувањата немало, пренесува Клик.ба.
Слична е ситуацијата и во Коњица, каде противпожарната служба соопшти дека утрово врне помалку дожд и дека нема нови проблеми, како и дека во текот на ноќта извршиле евакуација на едно село.
Во катастрофалните поплави што ја погодија БиХ ноќта меѓу четвртокот и петокот, 3 и 4 октомври, според досегашните официјални податоци, загинале 22 лица, од кои 19 во Јабланица и Коњиќ и три лица во Фојница. Сè уште трагаат по неколку исчезнати лица чиј точен број властите не го соопштуваат, јавува Танјуг.