
На северот на Косово изминатата ноќ помина мирно, но ситуацијата и натаму е тензична, јавува РТС. Петти ден продолжуваат блокадите од Србите кои протестираат против апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ.
Северниот дел го блокираше и косовската полиција, а преку граничните премини Брњак и Јариње не може да се помине ниту пеш.
Во Приштина вчера пристигна и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, кој имаше состанок со косовскиот премиер Албин Курти, по што изјави дека најдобро е барикадите на северот на Косово да се отстранат со политички договор.
Во решавање на ситуацијата е вклучен и заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, кој изјави дека на состанокот со Курти ги навел дека очекува да се работи на имплементација на договорот за формирање на Заедница на српски општини.
Лајчак и Ескобар денеска треба да имаат состанок и со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Првично средба ќе имаат Вучиќ и Лајчак, а потоа е предвиден и трилатерален состанок на кој ќе се приклучи и Ескобар.