Мисајловски: Законите за „Бехтел и Енка“ не се реформски за да бидат со европско знаменце, добро е што ЕУ кажа „не“

Добро е што Европска Унија (ЕУ) веднаш кажа дека не е потребно европско знаменце на законите што вчера поминаа на владина седница, а се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10-д од „Бехтел и Енка“, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
„Тоа не се реформски закони и не смеат да бидат со европско знаменце“, порача денеска Мисајловски.
Тој смета дека законите треба да одат во Собрание во регуларна процедура и за нив да се расправа во надлежните комисии. Но, ова што сака да го прави власта, според него, е брука.
Делегацијата на ЕУ во земјава, пак, вчера излезе со став дека овие законски-измени не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата за да бидат со европско знаменце.
„Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување на (македонското законодавство) со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања. Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Северна Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда кон ЕУ. Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во Законодавниот дом“, рекоа од Делегацијата на ЕУ.