Митева: Три од 12-тте објекти со важечка лиценца не исполнуваат услови за работа, се истражуваат и останатите 9

Три од дванаесетте објекти за кои беше објавено дека поседуваат активна лиценца за работа, не ги исполнуваат основните услови за работа, информираше на денешната прес конференција портпаролката на Владата, Марија Митева. Како што кажа таа, за останатите девет, во тек е проверка на документацијата.
„Од вчера направената контрола на 12 објекти со активна, важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека три од нив не исполнуваат минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење на дејност. За останатите девет сѐ уште е во тек проверката на документацијата“ рече Митева.
Портпаролката додаде дека по утврдување на состојбата до министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење на дејност, а ќе бидат преземени и сите казнени одредби возможни според закон.
„Сакам да ја информирам јавноста дека е направен план и за проверка на оние кои немаат важечка лиценца, а работеле во минатото“, рече Митева.