Мицевски очекува да има двотретинско мнозинство за законските измени за реорганизација на министерствата

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски очекува да го обезбедат потребното двотретинско мнозинство за да бидат изгласани законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата.
– Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните и со кое ги запознавме во предизборниот период. Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните, рече Мицевски во изјава за медиумите по денешната прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставници на партиите.
Соопшти дека при крај е целото законско решение и очекува деновиве официјално да биде поднесено.