Мицкоски: Членка во ЕУ треба да станеме врз основа на мерит систем, а не со дополнителни идентитетски отстапки

Мојата порака до луѓето во Брисел е јасна – ако навистина сакате да бидеме дел од европското семејство тогаш има начин, ако има желба има и начин. Повеќе ултиматуми нема да прифаќаме, барем додека јас ја водам македонската Влада, ниту има цена, која може да ме убеди да прифатам ултиматум. Сакам овие граѓани и мојата татковина да бидеме во тоа семејство врз основа на мерит системот, а не врз основа на дополнителни национални срамови и идентитетски отстапки, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање да ги сумира вчерашните пораки кои биле разменети на средбите во високи претставници во Брисел.
Мицкоски вчера во Брисел, каде беше придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани, присуствуваше на работен ручек со лидерите на останатите пет земји од Западен Балкан што го организираше претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, а имаше средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.