Мицкоски добил покана да присуствува на инаугурацијата на Трамп

Премиерот Христијан Мицкоски добил покана за инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, која ќе се случи за десет дена отсега, на 20 јануари.
Ова во гостување на ТВ Алфа синоќа го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Премиерот доби покана, што е ретка работа. Oд регионот веројатно е единствен што ќе присуствува на инаугурацијата. Тоа е огромна чест, огромна привилегија и нешто што многу говори, покрај за државата, и за него лично – како е доживеан и како е ценет во најсилната држава во светот“, изјави вицепремиерот Николоски во емисијата „Вечерно шоу на Богдан Илиевски“ на ТВ Алфа.
Николоски вели дека е убеден оти премиерот оваа пригода ќе ја искористи за да ја претстави државата во најдобро светло, но и да ги презентира македонските национални интереси.