Мицкоски: ДУИ ги излажа Албанците со методологијата на пописот од 2021 година

Методологијата на пописот од 2021 година е направена за да ги излаже Албанците, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој ја обвини СДСМ, но особено ДУИ, за тоа што немаме последен реален попис.
Европскиот фронт смета дека Уставниот суд ја поништи само поделбата на населението на резидентно и нерезидентно, а вкупната бројка е реална. Велат дека доколку Обвинителството не преземе мерки против премиерот, тие ќе го сторат тоа самите.
„Го прашуваме премиерот – дали ги консултирал своите правници? Ако ги има консултирано, нека ги отстрани, нека ги разреши бидејќи воопшто не го информирале како што треба. Врз основа на одлуката на Уставниот суд, врз основа на нашата иницијатива како Европски фронт, ние побаравме и постигнавме да се укине поделбата, категоризацијата на резидентно и нерезидентно население, додека вкупните податоци воопшто не се допрени. Го прашуваме премиерот – дали толку многу му пречи овој збирен број на Албанци во пописот од 2021 година? Ако тоа им го расипало планот за деалбанизација на Северна Македонија, тоа не е наша вина – тоа е реалноста“, рече Скендер Реџепи, Европски фронт.
Мицкоски истото го одговори и на прашањето за правичната етничка застапеност – односно кои проценти ќе се користат при вработувањата и врз што ќе се базира новиот закон и методологија за правична застапеност.
Според пописот од 2021 година, произлезе дека од резидентното население, 24% се Албанци, а заедно со нерезидентното, Албанците сочинуваат 29% од населението. Според пописот од 2002 година, Албанците сочинуваат 25% од населението.
Фатлуме Дервиши