ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски: ДУИ со националистичка реторика сака да ја дефокусира јавноста од криминалите на раководството на партијата

ДУИ ќе биде непријатно изненадена од резултатите на наредните избори и од бројката на освоени пратеници, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во интервју за порталот „Република“ тој кажа дека ДУИ одново испраќа националистички пораки во јавноста во обид да ги навлече на овој терен ВМРО-ДПМНЕ и останатите албански партии, но, како што додаде Мицкоски, јавноста е свесна за манипулацијата и овој обид за дефокус од криминалите што ги правело раководството на партијата. Опозицискиот лидер воедно изрази желба за постизборна коалиција со новиот албански опозициски фронт – „Европски сојуз за промени“.

Advertisements

„Нашата посакувана опција е да се даде шанса на т.н. албанска опозиција, којашто гледаме полека но сигурно се групира околу оската на ротација. Видовме пред некој ден обединување и окрупнување на таа опозиција и ценам дека треба да и се даде шанса на ДУИ да помине во опозицијата одреден период, да се реструктуира, да се освежи со нови идеи, бидејќи гледате како малку збунуваат со пораките… од онаа зелена агенда пред една година, сега наеднаш почнавме со споменици“, рече Мицкоски.

Мицкоски откри дека на наредните парламентарни избори тој ќе биде носител на кандидатската листа во првата изборна единица и најави дека на партиска конференција ќе се бира кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, а засега, како што вели, во игра се пет-шест имиња, без да прецизира кои. Тој верува во победа на неговата партија, без разлика дали СДСМ и ДУИ ќе настапат со посебни или пак со заедничка листа.

„Ковачевски, Ахмети, Зечевиќ, Груби, Османи, Маричиќ – тоа е понудата што е од едната страна, а од другата страна е ВМРО-ДПМНЕ. Но да, може да се профилира определена структура, условно кажано, трета опција, којашто денеска е условно кажано опозиција на опозицијата, којашто се обидува на тој начин, преку одреден вид измеќарење кон Владата, да нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ, но мислам дека ги потценуваат граѓаните и нема да успеат“, додава Мицкоски.

Во интервјуто, Мицкоски се осврна и на процесот на уставни измени. Тој кажа дека ако проширувањето на ЕУ навистина е геостратешко прашање, тогаш треба Бугарија да биде убедена да ги примени пресудите од Судот во Стразбур кои се во корист на македонската заедница. Според Мицкоски, наредната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја затвори вратата за процесот, туку е подготвена на разговори, ако тие се темелат на европски принципи и вредности.

Лука Андреев

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button