Мицкоски: ЕУ останува наша цел, но треба да научите да победувате и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз

Европската Унија беше, е и ќе остане наша цел, но треба да научите да победувате и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз и Рим ако сакате да испратите поинаква порака од онаа што била слушана години наназад – порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Самитот „Македонија 2025“, говорејќи за евроинтеграциите.
„Наша стратегија беше да го зафатиме теренот и да ги претставиме нашите аргументи. Тоа е демократската алатка што ја имаме на располагање, немаме друга. Ние сме еден од најмалубројните народи и држави во Европа и тоа е единствениот начин. Тоа значи дека треба да бидеме два, трипати подобри од сите други – ако сакате да звучите логично и другите да ве разберат и треба да научите да победувате и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин и во Париз и во Рим ако сакате да испратите поинаква порака од онаа што била слушана години наназад“, порача Мицкоски.
Премиерот рече дека земјава е единствената во Европа која за пристапување во Унијата има критериуми од сосема поинаква природа за разлика од критериумите кои важат за останатите земји кои станале или се во процес да станат земји членки, а се однесуваат на напредокот и спроведувањето на реформите.