Мицкоски: Гоце Делчев е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено

Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со претставници на македонската Влада положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод одбележувањето на 153-годишнината од неговото раѓање.
Мицкоски го честиташе денот од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев и посочи дека македонската Влада во иднина треба да има традиција во чествувањето на овој ден, бидејќи, како што рече, Гоце Делчев е дел од македонскиот идентитет.
– Дозволете ми на целата македонска јавност да го честитам родениот ден на македонскиот великан, идеолог и јунак Гоце Делчев. Тоа што го правевме во минатото продолжуваме да го правиме и како Влада. Цениме дека македонската Влада треба да има традиција во иднина да го чествува овој ден, бидејќи ова е наш македонски великан, којшто е дел од македонскиот идентитет и неговото дело не смее никогаш да биде заборавено, рече Мицкоски.