ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски и Ахмети се вратија во 2001 година, коментираше и Ковачевски

Мицкоски и Ахмети се вратија во 2001 година, коментираше и Ковачевски

Партиските лидери го вратија воениот конфликт од 2001-вата година како тема за меѓусебни пресметки. Сè започна откако претседателот на ДУИ, Али Ахмети сподели дека УЧК победило во конфликтот, а така ќе победат и Украинците во војната со Русија. Коментар веднаш пристигна од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој истакна дека бил доброволец во 2001-вата и оти немал чувство оти Ахмети бил „победник во војната“. Но, нова реплика пристигна од партиската трибина на ДУИ во Тетово.

„Ќе влезам ли јас сега во дебата со Христијан Мицкоски, кој наводно бил во војната во 2001 година?! Само ја гледал на телевизија…“, рече Али Ахмети – претседател на ДУИ.

Мицкоски не остана должен. Тој утринава сподели негови фотографии со оружје в рака од периодот на конфликтот, додавајќи дека „Али може да му раскажува басни за 2001-вата година само на Ковачевски“. Изјавите на Мицкоски за воениот конфликт, во вчерашното интервју за „360 степени“ ја искоментира и лидерот на социјалдемократите.

„Ме зачуди изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и тоа во делот каде што тој кажува како бил доброволец и победувал во војна, што значи дека тој уште малку ќе почне да се натпреварува колку луѓе убил во некаков воен конфликт. Од друга страна, СДСМ има предложено Албанец за потпретседател на Влада, којшто е потпретседател на нашата политичка партија“, изјави Димитар Ковачевски – претседател на Владата.

Според Ковачевски, во моментов ВМРО-ДПМНЕ се натпреварува со Левица за тоа кој ќе даде „попопулистичка изјава“./Алсат.мк

Лука Андреев

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button