Мицкоски: Има индиции за етничка дестабилизација

Одредени елементи, меѓу кои и поранешни функционери, се обидуваат да предизвикаат судири и да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во земјата, истакна премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната средба во Царинската управа.
„Имаме индиции за елементи кои имаат големи суми пари во милиони, некои од нив се високи функционери во претходните влади и кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, главно за да манипулираат, а она што посебно ме загрижува е дека се обидуваат да предизвикаат етнички конфликт, односно дестабилизирање на меѓуетничката хармонија во Македонија. Ова е она што најмногу ме загрижува бидејќи тие разбираат дека во спротивно не можат да ги мобилизираат луѓето и сега единствениот начин е да предизвикаат ваков конфликт. Нема да го дозволиме тоа“, рече Мицкоски.
Мицкоски не откри за кои функционери станува збор и како да се спречи такво нешто. Сепак, тој ги повика луѓето да се воздржат од вакви провокации и да ги игнорираат. Порано или подоцна, рече тој, извршителите на овие провокации ќе одговараат.
Но, на средбата со амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека Владата создава сценарија за дестабилизација за да ги обвини другите.
„Претседателот Ахмети ја образложи нацрт-платформата за легитимитет подготвена од авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс, мислењата на локалните експерти и чекорите што ДУИ и Европскиот фронт ќе ги преземат во одбрана на легитимитетот. Ахмети исто така, зборуваше за тенденциозните предупредувања на премиерот Мицкоски за дестабилизација, истакнувајќи загриженост за можно намерно владино исценирање преку обвинување на други да се дефокусира јавноста од потфрлањата на власта“, рекоа од ДУИ.
Активностите за заштита на легитимитетот, како што наведуваат од ДУИ, се најавени да започнат од септември.
Фатлуме Дервиши