Мицкоски ќе предложи намалување на бројот на пратеници од 120 на 90

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе бара намалување на бројот на пратеници во Собранието од 120 на 90 и промена на изборниот модел со една единица и изборен праг. Во емисијата „360 степени“ во Алсат, Мицкоски рече дека е подготвен за уставни измени во овој дел и очекува поддршка од сите политички партии во Собранието.
СДСМ го обвинува Мицкоски дека за да ги покрие неуспесите во општините со кои раководи, упатува барања кои, според нив, не се искрени.
„Потребен е консензус за секое дејствување-промена на изборниот модел или Законот за Влада. Барањата на Мицкоски не се искрени бидејќи преку нив се обидува да ја покрие неспособноста на градоначалниците. Затоа бара и предвремени избори, но едно е сигурно, парламентарни избори нема да има до 2024 година“, вели Христијан Мицкоски- претседател на ВМРО ДПМНЕ.
ДУИ смета дека е подготвена да преговара за било какви промени кои се предлагаат, но истите треба да се донесат со целосен политички консензус.
„Измените на Изборниот законик и Уставот треба да се направат со консензус и овие предлози да се стават на маса на политичките партии, а не во медиуми, ако сакаме да успееме. Мило ми е што опозицијата е подготвена за отворање на уставот“, рече Артан Груби- ДУИ
Демократскиот сојуз се согласи да го намали бројот на пратеници.
„Демократскиот Сојуз смета дека е добар чекор што покрај СДСМ сега и ВМРО-ДПМНЕ се залага за демократизација на изборниот процес со една изборна единица и намалување на бројот на пратеници. Бараме измените на Изборниот законик што поскоро да дојдат во Собрание, да се закаже седница и да се усвојат“, велаат од Демократскиот Сојуз.
Од Алијанса за Албанците како втора албанска партија не го коментираа предлогот на Мицкоски. Темата за укинување на техничката влада беше отворена во јуни 2020 година пред парламентарните избори, додека СДСМ и ДУИ се договорија за нејзина смена уште пред формирањето на Владата. Промената на изборниот модел, покрај ВМРО-ДПМНЕ, ја условуваат и помалите парламентарни партии, дел од предизборната коалиција со СДСМ./Алсат.мк
Адриан Керими