Мицкоски: Ќе се залагаме за деполитизирана администрација, каде што клучни ќе бидат стручноста и посветеноста

Ќе се залагаме за деполитизирана администрација, каде што клучни ќе бидат стручноста и посветеноста, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на отворањето на годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација, ставајќи го акцентот на транспарентноста, иновативноста и дигитализацијата.
Во воведното обраќање на конференцијата насловена „Дијалог за политики на високо ниво“, која годинава е посветена на темата „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“, премиерот на почетокот посочи дека администрацијата и мерките кои треба да се преземат за поголем квалитет на услугите што ги добиваме од неа, како и иновациите, изминатите години многу малку била предмет на темелна и студиозна анализа ниту, пак, како што додаде, била предмет на професионален пристап.
Според Мицкоски, станува збор за тема која не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваме како граѓани туку и го обликува лицето на државата.
Во тој контекст рече дека како Влада нивната визија е јасна.
„Сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност. Јавна администрација која нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори“, рече премиерот.