Мицкоски: Колкав партнер на НАТО е Бугарија доволно говори одлуката да не вложуваат во Коридорот 8

Премиерот Христијан Мицкоски и вечерва го повтори ставот дека уставни измени нема да има сè додека Бугарија не ги исполни своите обврски во однос на почитувањето на правата на малцинствата.
Прашањето за уставните измени, како услов за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија деновиве повторно доби на интензитет, а на изјавите на македонскиот премиер реагираше и бугарското министерство за надворешни работи.
Мицкоски на оваа тема говореше и во синоќешното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, каде на прашање околу стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и што доколку Вашингтон побара да се гласаат уставните измени, рече дека тоа нема да се случи.
„Нема да ги гласам, тоа нема да се случи. Нема да ги гласам се додека Бугарија исто така не ги заврши своите обврски кои што ги има преземено, а тоа е да ги почитува правата на сите малцинства. А тие права се содржани во пресудите од Судот за човекови права во Стразбур“, рече премиерот.