Мицкоски: На 27-ми народот сам се организираше

Народот на 27 – ми сам се организирал и излегол на протести. Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ раскажа дека немало организација и екипирање на луѓе преку партиската инфраструктура за протестите да добијат на масовност. Мицкоски сведочеше на предлог на обвинетите кои се гонат како организатори на насилниот упад во Собранието пред три години. На 27 – ми април бил на состанок во улога на директор на државните електрани. Дошол пред собраниските врати, но не влегол во Парламентот.
„Станува збор за жесток политички монтиран процес кој има единствена цел да нанесе штета на ВМРО – ДПМНЕ, политички процес кој има за цел врши политички терор врз членовите на ВМРО – ДПМНЕ и политички процес од кој некој профитираше, а некој сериозно загуби. Јас ценам дека по 27 – ми април сериозно загуби ВМРО – ДПМНЕ, а веднаш по тие настани влада направи СДСМ и Зоран Заев“, рече Мицкоски.
Кога Мицкоски почна да сведочи, судијата го праша дали е скаран со обвинетите. Рече – најверојатно не.
„Се обидов да бидам вицкаст и да внесам една доза на хумор во судницата, бидејќи за прв пат се појавувам во судница во својство на сведок. Досега не сум бил во својство на обвинет. Чудна атмосфера. Се обидов да внесам ведрина. Тоа се мои пријатели и да не сум со никого замерен“, рече Мицкоски.
Денеска сведочеа повеќе членови на ВМРО – ДПМНЕ – и активни и поранешни. Како сведок се појави и поранешниот вицепремиер за економија Владимир Пешевски. И тој рече дека ВМРО – ДПМНЕ не стоело зад организацијата на простестите. Инаку, обвинети за организатори на крвавиот 27 – ми април се Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Бојан Стојановски