Мицкоски најави уште десетици нови случаи како „Адитив“
Во периодот што следува, од информациите со кои располагам, ќе има десетици вакви случаи, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја последната акцијата на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција под името „Адитив“.
На овој начин премиерот Мицкоски најави нови истраги за случаи на сторен криминал и корупција, кои ќе ѝ бидат соопштени на јавноста откако ќе бидат обезбедени докази од МВР и од, како што рече, срамежливото обвинителство.
„Па, ќе продолжи, да. Гледате дека се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази и основано сомневање за сторен криминал Министерството за внатрешни работи заедно со срамежливото обвинителство влегуваат во акција. Таа акција (Адитив н.з) беше спроведена пред неколку дена, 23 лица се осомничени и два правни субјекта. Во периодот што следи десетици случаи се работат. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години“, изјави премиерот Мицкоски.