Мицкоски: Најголем чувар на Уставот е дадениот збор на пратениците

Тврдењата на Владата дека е заштитен македонскиот јазик и дека е обезбеден реципроцитет во процесот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во разговор за Дојче Веле ги оцени како замајување на јавноста.
„Од власта нека не ја замајуваат јавноста дека договориле некаков реципроцитет. Тоа е кованица која им служи како алиби – дека еве и ние нешто сме добиле, а во ситуација кога раскрчмуваат сѐ што е важно за Македонија. Еве, ако толку барале реципроцитет, нека ни кажат што е тоа што го бара Владата на Македонија од Бугарија – да се признае македонско малцинство, тие да влезат во бугарскиот устав, да има промена на учебници во Бугарија или нешто слично, бидејќи сите овие работи Бугарија ги бара од нас“, вели Мицкоски.
„Пратениците во овој момент практично претставуваат чувари на Уставот, при што јавно се обврзаа да бидат гаранцијата дека ќе нема промена на Уставот и легитимирање на процесот на асимилација и бугаризација, кој го прифати и договори Владата. Знам дека многумина ќе влечат паралели со промените на Уставот врзани за промената на името и ќе нагласам дека сум свесен за тие коментари, но воедно ви посочувам дека ова не е 2019-та година, ниту пак, ова е истиот пратенички состав“, објаснува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Извор: Дојче Веле