ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Нема да има уставни измени, државата е во криза, потребни се избори

Не постојат теоретски шанси да поминат уставните измени под бугарски диктат, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по вчерашната собраниска седница посветена на потребата за отворање на Уставот. Според Мицкоски, државата е влезена во сериозна политичка криза и бара предвремени парламентарни избори. Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ се залага за членство во Европската Унија, но не под вакви услови.

Advertisements

„Многу пати сме зборувале за нашите црвени линии и во овој момент зборуваме за час поскоро одржување на предвремени парламентарни избори. Тие се загрижени за крајот на личните кариери и се уплашени што е многу важно, многу се исплашени за нивните лични судбини. Не е точно дека е поразен концептот за Македонија и Европската Унија, како што сака да го претстави тоа власта, туку е поразен нивниот концепт на гледање на работите како Македонија може да дојде или воопшто никогаш да дојде до Европската Унија. Сигурно не по цена на обезличување“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека по изборите ќе понуди, како што го нарече, патриотско решение за продолжување по евроинтегративниот пат. Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара гаранции од институциите на Европската Унија за македонскиот идентитет, социо-економски пакет за граѓаните и бизнисот, како и спроведување од страна на Бугарија на барем три од 14-те пресуди на Судот за човекови права во Стразбур за македонското малцинство. Според него, вина за актуелната состојба има и Брисел, а со овие барања, како што додаде, Европската Унија ќе има можност да ја исправи грешката во која ја втурнала Македонија.

„Ги слушаме пораките на нашите партнери од меѓународната заедница. Апсолутно ги слушаме пораките од нашите партнери од Европската Унија, но исто така зашто ние се најдовме во оваа ситуација имаат и тие вина. Зошто имаат вина? Затоа што кога го договараа ова, со оваа Влада на СДСМ и ДУИ или на ДУИ и СДСМ, како сакате, тие не најдоа за сходно да се обратат до ВМРО-ДПМНЕ и да го консултираат ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ како мнозинска, убедливо најголема етничка заедница во оваа своја единствена држава“, додава Мицкоски.

Претходно, голем број челници на Унијата потенцираа дека не постои можност за репреговарање на договореното меѓу Скопје и Брисел и не постои расположение за нови заклучоци. Сепак, според Мицкоски неговите барања не се во спротивност со актуелната преговарачка рамка и заклучоците на Советот на ЕУ.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button