Мицкоски: Нема одлука за избор на фирма која ќе гради катна гаража и ќе управува со паркингот во клинички центар

Владата нема донесено таква одлука и не знам од каде е таа информација, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање по објавите за избор на фирмата „Ѓока констракшн“ преку јавно-приватно партнерство да гради и управува со паркингот во Клинички центар во Скопје. Мицкоски посочи дека при изборот ќе се земат во предвид бонитетот и кредибилитетот на компанијата.
– А, што ќе земеме предвид? Во предвид ја земаме тендерската спецификација и се разбира, фирма што нема кредибилитет, нема бонитет, ниту технички карактеристики, нема да биде избрана и тука сето тоа завршува. Бидете сигурни. Јас разбирам дека има потреба од сензација, напад кон Владата, но оваа влада работи поинаку од досегашниот принцип, односно одлуките кои оваа Влада ги носи се исклучиво во интерес на граѓаните и нема да биде поинаку. Така што, бидете сигурни секоја одлука којашто ја носи оваа влада е исклучиво во интерес на граѓаните, рече Мицкоски.
Според него, оваа информација е измислена за да се напаѓа владата и нејзината работа.