Мицкоски oдговори на коментарите од официјална Софија

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е подготвен да седне на маса со бугарскиот претседател Румен Радев и со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, доколку повторно стане премиер, но посочува дека изнаоѓањето решение е двонасочна улица и дека ние не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување. Додава дека пораките кои стигнуваат од Софија му припаѓаат на средниот век.
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска излезе со став со кој тврди дека политиката на Скопје е насочена против европските принципи.
„Новата влада кај нашиот сосед јасно покажа дека најголемиот страв на политичката класа на оваа земја е да го препознае самото постоење на зборовите „Бугарин“ и „Бугарско“… Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки, против меѓународните обврски, но пред се против сопствените граѓани, кои јасно ги кажаа своите амбиции за европски развој на земјата“, рече Радев.
Реагираше и лидерот на ГЕРБ во Бугарија, поранешниот премиер Бојко Борисов. Според него, договорите, без оглед дали се добри или лоши, „особено меѓународните договори кои се дел од преговорите со ЕУ, мора да се почитуваат. „Без нашата поддршка и поддршката на Грција, Македонија нема никакви шанси да влезе во ЕУ“, рече Борисов.
Доколку стане премиер, Борисов вели дека ќе иницира средба со Мицкоски.
Фатлуме Дервиши