Мицкоски: Посетата на Ескобар ја ценам како и секоја друга, добредојден е да ги слушне нашите аргументи

Посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, на земјава, која е најавена за утре, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја оценува како и секоја друга посета што ја имал досега со високи странски претставници.
Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Велес, изјави дека секој што сака да ги слушне аргументите на ВМРО-ДПМНЕ и на народот е добредојден.
„Посетата на господинот Грабриел Ескобар ја ценам како и секоја друга посета. Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи и отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме која е. Така што секој добронамерен соговорник е добредојден, секој оној што сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на народот во Македонија е добредојден“, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, говорејќи во истиот контекст, рече дека тоа што власта се обидува доаѓањето на Ескобар да го претстави како, условно кажано, „посета на дипломатски булдожер кој е повикан на помош од Владата да врши тортура и притисок“ говори за нејзината слабост.
„Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници“, рече Мицкоски.