ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски предлага два датумa за предвремени избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бара предвремени парламентарни избори на 14 или 21 мај 2023 година. Мицкоски на средбата со новинарите на крајот на годината рече дека во 2023 година очекува предвремени избори и оти, според него, на државниот систем му треба „ресетирање“.

Advertisements

Образложувајќи  ги датумите за избори, тој рече дека крајот на април ќе биде почеток на кампањата, период кој одговара зашто завршува месецот Рамазан и  другите верски празници во државата. Според него, во втората половина од јануари би почнала 100-дневната техничка влада.

Осврнувајќи се на овој период, Мицкоски уште еднаш изрази оптимизам дека по втората половина на јануари може да има нова иницијатива за уривање на Владата, но без да сподели детали дали има конкретни случувања, поддршка на албанските партии во опозицијата и поддршка на огнената група во рамките на ДУИ.

Лидерот на опозицијата не ја поддржува идејата за одржување парламентарни избори заедно со претседателските избори во 2024 година. Според него, ова е сценарио на ДУИ – целта е да не се исполни прагот од 40 отсто и претседателската функција да ја преземе претседателот на Собранието Талат Џафери, а истовремено ДУИ да има и премиер во последните 100 дена.

Говорејќи за уставните измени, Мицкоски ја повика власта да покаже како ќе стигнат до 80 пратеници потребни за уставните измени. Тој рече дека нема да го смени својот став дури и ако Владата му понуди можност за избори  со усвојување на измените во највисокиот правен акт. Мицкоски ја брани идејата секој субјект да излезе пред граѓаните со својата визија за членство на земјата во ЕУ и да покаже како ќе стигнат до 80-те потребни гласови и потоа, во зависност од добиената доверба да обезбедат мнозинство за интервенција во Уставот.

Говорејќи за можното проширување на мнозинството, Мицкоски рече дека му порачал на Арбен Таравари од Алијанса дека власта не се дели туку се управува. Тој го повтори ставот дека за идното парламентарно мнозинство ја преферира албанската опозиција.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button