Мицкоски предупреди дека цената на парното греење во Скопје по Нова Година ќе се зголеми за два и пол пати
Ile Petreski
Лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски предупреди дека цената на парното греење во Скопје по Нова Година ќе се зголеми за два и пол пати. Вели дека компаниите од бизнисот со топлинска енергија немаат доволно природен гас и дека неговата цена на берзите бележи сериозно зголемување. Затоа Мицкоски смета дека државата мора да помогне и да спречи нов ценовен шок. Компаниите вели дека може да набават гас, но тој сега е три пати поскап во однос на природниот гас кој се набавувал пред шест месеци кога се формирала цената за граѓаните.
„Најмалку два и пол пати би требало цената за затоплување на скопјани да биде зголемена, бидејќи 70 отсто во таа цена учествува гасот. На прашање на регулаторите како тоа ќе го решиме, велат, недостасуваат 25 милиони евра. Ако државата ни даде 25 милиони евра субвенции тогаш цената за затоплување нема да порасне за два и пол пати за скопјани, кои се на мрежата на БЕГ. А тоа е невозможно државата да дава 25 милиони евра на приватна компанија.“
Ова тврдење на Мицкоски но и ставот дека компаниите имаат гас уште само за месец и половина ги демантираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Макрко Бислимовски. Тој тврди дека компаниите имаат доволно гас и за по Нова Година и граѓаните не треба да стравуваат дека цената на парното драстично ќе се зголеми.
„Ги повикувам сите чинители во енергетскиот сектор, ги повикувам политичарите, експерти, разно разни шпекуланти и дилетанти кои се претставуваат како експерти да престанат да даваат неточни информации. Сите овие податоци кои ги кажуваат ние ќе ги паметиме и верувам дека некој на некого по први јануари ќе мора да му се извини. Природен гас за снабдување со топлинска енергија уште еднаш потенцирам дека ќе има.“
Алсат побара став од Балкан енерџи груп, но од таму не сакаа да коментираат. Од Владата велат дека ја следат состојбата и доколку е потребно носење на нова мерка во оваа енергетска криза, ќе донесат. На светските берза последниве неколку месеци освен раст на цената на струјата има и континуирано зголемување на цената на природниот гас.