Мицкоски: Разрешувањето на членовите од Судски, една од мерките

Распуштањето на членовите на судскиот совет избрани од Собранието е една од мерките која ќе ја преземеме со цел исполнување на ветувањето кое го дадовме за подобрување на работата на судско-обвинителскиот совет, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека сега Собранието има можност да ја активира оваа опција и да ги распушти тие членови.
„Граѓаните очекуваат акција од нас. Нелогично е тој што ги бира да не може да ги отповика, посебно во услови кога не им го прифаќа извештајот за работењето. Така што, ги гледаме сите овие законски можности, се разбира дека ние нема да правиме ништо што е спротивно на законот и Уставот“, рече Мицкоски.
Инаку станува збор за петмина членови на судскиот совет избрани токму во Собранието кои сега може да бидат разрешени, откако извештајот за работата на судскиот совет за 2023 година не беше одобрен во законодавниот дом. Претходно, претседателот на Собранието Африм Гаши најави рече дека на комисијата за избори и именување ќе биде покренато ова прашање и дека ќе се разгледа можноста за разрешување на овие членови. Во меѓувреме, во судскиот совет се случија промени – двајца стари членови на кои им истече мандатот беа заменети со нови, а на чело на советот седна судијата Александар Камбовски, кој денеска ја одржа и втората седница како претседател на советот. Тој е на став дека членовите во Судскиот совет треба да се разрешуваат не од Собранието, туку од самиот совет. За судскиот совет се подготвува и ново законското решение , кое треба да биде готово до јуни оваа година. Според власта, токму овој закон ќе придонесе за поголема независност и функционалност на ова тело.
Михајло Донев