Мицкоски: Референдумот за Договорот со Бугарија, исто важен како оној за независноста
Мицкоски: Референдумот за Договорот со Бугарија, исто важен како оној за независноста

На 31-годишнината од независноста на С Македонија, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, ја искористи можноста да го спореди референдумот за независност со претстојниот референдум за достоинство. Според Мицкоски, денес С Македонија се соочува со истиот предизвик како пред три децении.
„Гласањето на референдумот ја направи Македонија независна. Гласањето на референдумот ќе ја направи Македонија достоинствена држава. По 31 година се соочуваме со сличен предизвик. Преку референдумот да ја заштитиме државата од тенденциите за условувања и асимилација, продолжувајќи го патот кон ЕУ. Гласот сега ќе биде храброст“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во постапката за распишување на референдумот во Собрание, според премиерот Димитар Ковачевски, пратениците на СДСМ ќе постапат согласно државните интереси. Ковачевски не посочи дали пратениците на неговата партија ќе учествуваат во дискусиите и одлуките за официјализирање на иницијативата за референдум.
По поднесувањето на квалификуваните потписи, ВМРО-ДПМНЕ во петок ќе ја достави иницијативата за референдум до Собранието. Законодавниот дом пак, од понеделник ќе го обработи техничкиот аспект и ќе го филтрира низ матичните тела, за да одлучи дали иницијативата на опозицијата е во ред или не. Преку референдумот ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го укине Законот за ратификација на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан во 2017 година меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и неговиот поранешен бугарски колега Бојко Борисов.
Адриан Керими