ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Мицкоски: Ригорозни контроли и казни за трговците

Засилени контроли на трговците најави премиерот Христијан Мицкоски, откако утрово одржа координативна средба со министерот за економија и труд, директорот на комисијата за заштита на конкуренцијата и директорот на пазарната инспекција. Мицкоски рече дека два големи ланци на маркети за кои постојат индиции дека ги злоупотребувале цените ќе бидат под посебна лупа на инспекторатите, но најави и дека сите други трговци ќе подлежат на контроли.

Advertisements

„Истите тие ќе подлежат на ригорозна контрола, и деновите што следат, бидејќи според информациите со коишто располагаме имаме отприлика околу 20.000 коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба да длабоко се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовремено и други трговски објекти ќе бидат подложни на ваков тип на контроли“, рече Мицкоски.

Според опозицијата пак, злоупотребите со цените кои ги прават трговците се директна последица на тоа што власта пропуштила да предложи законско решение со кое ќе ги казнува трговците.

„Инспекторатите денеска не можат да вршат надзор, на пример пазарниот инспекторат сега оди и дава опомени, не е заради друго, треба да знае македонската јавност, туку поради тоа што не знаевте да го прочитате законското решение и денеска трговците немаат можност да бидат казнувани и трговците денеска си продолжат со цени и така натаму и така натаму“, рече Оливер Спасовски, СДСМ.

ДУИ пак, поради растот на цените во маркетите побара оставка од министерот за економија и труд.

„Наместо да преземе конкретни мерки за спречување на инфлацијата, сузбивање на шпекулациите и заштита на животниот стандард на граѓаните, министерот за економија се крие зад празна пропаганда и ја префрла одговорноста врз граѓаните. ДУИ бара итна оставка на министерот за економија и преземање на итни мерки за запирање на неоснованото зголемување на цените“, велат од ДУИ.

Додека траат препукувањата околу цените, Левица денеска предложи закон за укинување на двојазичните декларации на производите во маркетите. Токму пак поради високите цени во маркетите, граѓаните по примерот на Хрватска најавија бојкот и во петок нема да пазаруваат во супермаркетите.

Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button