Мицкоски: Секој министер на ДУИ си има фирма преку која се делат тендери
Мицкоски: Секој министер на ДУИ си има фирма преку која се делат тендери

Секој министер од ДУИ има своја фирма со која краде од граѓаните и за ова наскоро ќе одговара. Ова го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, запрашан за неодамнешниот скандал со кој МНР и додели тендер од 1,8 милиони евра на компанијата „Евровиа“ за адаптација на објектот на спортскиот центар „Борис Трајковски“, за организација на конференција во рамките на ОБСЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека компанијата „Евровиа“ е најголемиот донатор на ДУИ и е во сопственост на Елмедин Адеми, внук на поранешниот министер на ДУИ, Абдилаќим Адеми, додека косопственик е Елдин Адеми, главниот човек во огранокот на ДУИ во Јегуновцe. ДУИ има добиено донација од 2.509.200 денари од Елмедин Адеми, што е трипати над законскиот лимит за донации од физички лица, додека во исто време „Евровиа“ како правен субјект донирала 1.845.000 денари во 2022 година. Истата компанија има добиено два милиони евра за изградба на новата полициска станица во Аеродром, и тендерот за реконструкција на просториите на Универзитетот „Мајка Тереза“.
Од Движењето БЕСА велат дека секојдневните корупциски скандали од страна на министрите докажуваат колку ДУИ е антиевропска и прокриминална и корупциска.
„Последниот скандал објавен во медиумите, каде министерот за надворешни работи Бујар Османи, доделува 1,8 милиони евра на компанијата „Евровиа“, која е еден од главните донатори на ДУИ и предводена од функционери на ДУИ, докажува дека Владата СДСМ-ДУИ не цели кон интеграција во ЕУ, туку да организира тендери и да ги збогатува своите функционери и партијата“, велат од Движење БЕСА.
Од Антикорупциската комисија велат дека ќе постапат исто како и во другите случаи.
„Државната комисија за антикорупциска внимателно ги следи сите информации и случаи објавени во медиумите и кога ќе забележи дека има елементи за постапување, тогаш постапува според своите надлежности. Исто ќе се постапи и во овој случај“, нагласи Билјана Ивановска, Антикорупциска.
По информацијата објавена во јавноста, реагираше и МНР и соопшти дека избраната компанија дала најевтина понуда и затоа е избрана.
Мефаил Исмаили