Мицкоски: Шокиран сум од однесувањето на првиот човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата на МВР и БЈБ

Премиерот Христијан Мицкоски не сака да ги коментира мерките што ги изрече кривичниот Суд против осомничените за увоз на мазут со сомнителен квалитет, потсетувајќи на степенот на доверба во судството. Во изјава за медиумите дадена денеска во Ресен, Мицкоски рече дека треба да се почека да заврши истрагата за да може да ги коментира сите основани сомневања за коишто овие лица ќе бидат обвинети.
– За мене се алармантни информациите што ги добивам, а што се поврзани со однесувањето на првиот човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата што ја спроведуваше Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. На нив не им е местото таму, ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди изградени во Западна Македонија. Доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна, рече Мицкоски.