Мицкоски си заминува ако пратеници на ВМРО гласаат за промена на Уставот
Мицкоски си заминува ако пратеници на ВМРО гласаат за промена на Уставот

Христијан Мицкоски најави повлекување од политиката доколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ дадат поддршка на уставните измени за внес на Бугарите. Тој порача да се стави крај на, како што вели, изјавите од власта дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле подготвени да гласаат „за“ промените на Уставот, што произлегуваат од францускиот предлог.
„Тука сакам да ја затворам таа тема. По цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема. // Ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политиката, ако јас додека сум претседател, под овие услови, биде променет Уставот“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ информира и дека утре продолжуваат разговорите со коалициските партнери во однос на иницијативата за референдум, поврзан со францускиот предлог. Дилемата е дали референдумот ќе биде предложен од 44 пратеници или пак ќе се собираат 150 илјади потписи за негово распишување.
„Да го завршиме целиот овој процес и да излеземе со конечен став пред граѓаните – каков ќе биде предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе одиме со 150 илјади потписи, дали ќе одиме со пратениците, имајќи предвид дека континуирано се сее и од владините инсталации во опозицијата и од самата власт притисок дека имало пратеници вакви или такви и некој се двоумел“ додаде тој.
Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков за нов документ наменет за бугарските институции по кој тие ќе се водат во дијалогот со Скопје, кажа дека ваквата изјава е нов „нокдаун“ за македонската дипломатија. Според него, бугарските барања кон земјава нема да запрат, туку напротив, ќе продолжат и во иднина./Alsat.mk
Лука Андреев