Мицкоски: Скандалот на онкологија се уште трае

ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се прошири работата на Анкетната комисија за истрагата на Клиниката за онкологија. Од партијата на Христијан Мицкоски се сомневаат дека скандалот продолжува и бараат итно расветлување на случајот.
„Документите кои дојдоа до ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека ФЗОМ нарачал и изготвил извештај од кој јасно се гледа дека скандалозното работење на Онкологија, основаните сомнежи за заработка на грбот на болните пациенти и несоодветен третман на заболените од рак се случува и денес“, велат од ВМРО.
СДСМ ја обвинува опозицијата дека ја саботира истрагата за Онкологија вперувајќи го прстот кон Христијан Мицкоски.
„Јасно е дека Мицкоски ја загрозува истрагата за Онкологија и сакаме да го прашаме која е неговата цел? Дали сака уште повеќе да ја вознемири јавноста, пред сè пациентите кои се многу чувствителни во овој момент или сака да ја саботира истрагата, која после 20 години, гласини и индиции, за прв пат во време на СДСМ, институции влегоа и направија акција за расчистување“, рекоа од СДСМ.
Пред неколку дена пред Истражната комисија сведочеа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и главниот обвинител Љубомир Јовески. Иако беше поканет по втор пат, поранешниот министер за здравство Венко Филипче не одговори на поканата на комисијата. Спасовски и Јовески побараа да не се загрозува истрагата и да не се оштетуваат добиените докази. Предистражната постапка на Клиниката за онкологија се однесува на несоодветен третман на пациентите дијагностицирани со канцер. До оваа фаза нема официјални осомничени или уапсени лица.
Адриан Керими