ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски со говор го отвори годишниот состанок на Постојаниот комитет на парламентарното Собрание на НАТО

Редовниот годишен состанок на Постојаниот комитет на парламентарното Собрание на НАТО кој се одржа во законодавниот дом, во кој членуваат шефови и заменик-шефови на националните парламентарни делегации денеска беше отворен со говор на премиерот Христијан Мицкоски. Тој започна со оддавање почит на загинатите во трагедијата во Кочани, но и со пораки со благодарност за солидарноста која нашата земја ја доби од европските држави.

Advertisements

„Во тие тешки моменти, сведочевме на вистинска солидарност од нашите сојузници и партнери. Девет европски држави понудија помош на нашата земја веднаш по трагедијата во Кочани. Европската унија, пак, преку механизмот за цивилна заштита, координираше медицински евакуации на повредените до специјализираните болници во регионот. Драги пријатели, Оваа трагедија ни покажа дека солидарноста не е само збор, туку дело што ги поврзува народите. Таа е темелот на нашата Алијанса-принцип што не води во заедничките напори за зачувување на мирот и безбедноста“, рече Мицкоски.

Премиерот зборуваше и за придонесот на земјава во НАТО Алијансата во изминатите пет години, а даде и предлог и дека треба да се размисли за воведување механизми кои нема да дозволат билатерални спорови да бидат пречка до остварување на колективни цели.

„Пријатели си помагаат, но и пријатели искрено си ги кажуваат своите чувства и забелешки. Сметам дека треба да се размисли и за воведување на механизми каде нема да се дозволи билатерални спорови да бидат пречка за остварување на колективната и заедничка цел. Ако ние сите заедно ја чуваме куќата, тогаш и заедно имаме право да си ги кажеме нашите проблеми, разочарувања и очекувања. Ние ќе останеме лојален партнер, и заедно и посветено ќе работиме кон остварувањето на колективните цели“, рече Мицкоски.

Покрај премиерот, свои обраќања на почетокот на состанокот во Собранието имаа и министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и шефот на Делегацијата, Драган Ковачки.

Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button