Мицкоски со обвинувања за односот на власта кон Делчев, Ковачевски му одговори

Со неприфаќањето на Декларацијата за Гоце Делчев власта покажа дека е подготвена да се откаже и од други важни прашања за идентитетот, обвини претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додавајќи дека источниот сосед ни удирал во темелите. Мицкоски денеска повторно побара јавноста да знае што е предмет на преговори.
„Зошто да криеме 3+2, 5+1, 2-3 и така натаму… Треба народот да знае, затоа што доста му е на македонскиот народ и нашите сограѓани и соседи, од порази“, рече Мицкоски.
Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека по темата за разговорите со Бугарија, опозицијата прави хистерија. Според Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ имала шанса да учествува во новоформираните работни групи, но не ја прифатиле поканата, а со предложената Декларација, како што дополнува премиерот, опозицијата им штети на преговорите.
„Доколку ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со еднострани декларации со коишто единствено се попречува процесот на разговори, коишто се водат во духот на европските вредности и на задржување на достоинството на сите граѓани, дека ќе помогне, тие го прават токму спротивното“, рече Ковачевски.
Декларацијата за Гоце Делчев ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието на четврти февруари и настојуваше да се најде како точка на дневен ред во четвртокот, кога се гласаа измените на Законот за минималната плата. Тогаш спикерот Талат Џафери рече дека текстот на Декларацијата не може да се разгледува, бидејќи сè уште не бил преведен на албански јазик.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи за Декларацијата кажа дека нè враќа во процесот на преговорите. Во меѓувреме, поранешниот специјален пратеник во Софија, Владо Бучковски, изјави дека ако Бугарија настојува македонската страна да прифати дека Делчев бил Бугарин, тогаш најверојатно никогаш нема да бидеме членка на ЕУ.
Лука Андреев