Мицкоски со повик за национално обединување

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Охрид повика на национално единство и обединетост во однос на најважните прашања за државата, да се надминат партиските поделби пред надворешните фактори, а власта и опозицијата да почнат да делуваат единствено. Мицкоски повика дека сите треба да разберат дека различноста не е слабост, туку сила и дека нема западна или источна, нема држава на оваа или онаа партија, туку дека е потребно обединување за доброто на сите.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче од Охрид повика на лидерска средба и изрази подготвеност за национален консензус при тоа имајќи предвид дека Македонија е мултикултурна и мултинационална држава и во неа покрај Македонци, живеат и Албанци, Турци, Роми и други.
„Ние сме апсолутно спремни да седнеме и да видиме како ќе работиме заеднички за доброто и напредокот на државата. Веќе во понеделник на состанокот на националниот совет за евроинтеграција, јас ќе дадам и конкретен предлог со дневен ред затоа што сметам што треба најголемите политички партии на една лидерска средба да разговараат, бидејќи јасни се пораките од ЕУ. Сите укажуваат дека патот по кој треба да се движиме е јасен. Додека чекаме и не правиме ништо е само губење на време. Младите тоа го гледаат и единствено како стимул за отселување“, рече Филипче.
Пред повеќе од еден месец на последната лидерска средба беа само Мицкоски и Филипче и се договорија да се формираат заеднички работни групи за реформската агенда. Но, од тогаш никој веќе не го спомена договореното.
Мики Трајковски