Мицкоски во Берлин на состанок на шефовите на влади на земјите од Западен Балкан
Мицкоски во Берлин на состанок на шефовите на влади на земјите од Западен Балкан

Денеска и утре премиерот Христијан Мицкоски ќе се обиде одблиску, на средби лице в лице, да ја презентира својата идеја за уставни измени со продолжена имплементација. Во Берлин, каде што престојува со останатите лидери на Западен Балкан и со претставници на ЕУ и земјите членки, Мицкоски најави дека ќе зборува за својата идеја и писмото што во следниот период официјално ќе го испрати до властите во Брисел.
Во Берлин е и премиерот на привремената влада на Бугарија, Димитар Главчев, со кого не се знае дали Мицкоски ќе се сретне одделно, но Бугарија веќе испрати порака дека официјално Скопје треба да води преговори со Брисел, а не со Софија. Ова го вели бугарскиот претседател Румен Радев, кој на прашањето да ја коментира изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека е подготвен да преговара со бугарскиот претседател, рече дека треба да се направи разлика меѓу дијалог и преговори. Според него, условите за Скопје се јасни и мора да се исполнат.
„Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа билатералниот протокол за Договорот за добрососедство. Ако зборуваме за дијалог, тој треба да се развива меѓу Северна Македонија и Европската комисија врз основа на прифатената рамка на преговори за Северна Македонија, која беше едногласно одобрена од сите земји-членки на ЕУ и прифатена од Владата на Македонија. Ќе повторам дека сме подготвени и мора да помогнеме. Ова е наша одговорност, да и помогнеме на Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите наведени во билатералниот протокол и во преговарачката рамка“, рече Румен Радев, претседател на Бугарија.
Евроамбасадорот во Скопје, Михалис Рокас, пред еден ден изјави дека ЕУ го почитува ставот на Скопје, но условите се јасни./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши