Мицкоски: Во Собранието нема 80 пратеници за внесување на Бугарите во Уставот

„На повидок е поопширно решение кое нема да се однесува само на внесувањето на Бугарите во Уставот туку ќе задира во македонскиот идентитет и јазик“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи на партиската трибина за отчетот на градоначалниците организирана во Охрид. Тој рече дека доколку решението со Софија стане дел од преговарачката рамка, Македонците во Унијата ќе влезат „бугаризирани“ или пак, би преговарале бесконечно.
„Јасно им е дека во Парламентот немаат 80 пратеници и единственото нешто што ќе им остане на располагање е целокупните барања опфатени со Декларацијата на бугарскиот Парламент да бидат дел од преговарачката рамка“, рече Мицкоски.
Од Владата велат дека се посветени на изнаоѓање на решение со Бугарија, но без да има отстапки за јазикот и идентитетот. .
„Нашите позиции се кристално чисти и јасни и од тоа нема отстапка. Нема и не се преговара за јазикот и идентитетот“, рече Душко Арсовски – портпарол на Влада.
Бугарскиот претседател Румен Радев на вчерашната средба со претставници на бугарски организации од земјава повтори дека внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за зелено светло за започнување на преговори со Унијата. Од друга страна, премиерот Кирил Петков, кој исто така се сретна со македонските Бугари, не даде детали за тоа кога ја предвидува бараната промена на Уставот.
„Ние во моментов треба така да се движиме за и нивните права да бидат заштитени во овој процес, а и да го отстраниме говорот на омраза во овој процес, но и да сме сигурни дека нашите соседи нема да ја загубат шансата да влезе во ЕУ, а треба да бидат таму“, рече Петков.
Претходно, домашните власти истакнаа дека за Скопје е прифатливо да влезат Бугарите во Уставот, заедно со припадниците на хрватската и црногорската заедница, но пред официјалното членство во Унијата. Опозицијата пак обвини за мешање во внатрешните работи и за да даде поддршка на ова барање побара реципроцитет, преку признавање на македонско малцинство во Бугарија.
Академикот Владо Камбовски пак, не смета дека бугарското барање за уставни измени е мешање во внатрешните работи на земјава, велејќи дека ова прашање зависи од нас самите.
Лука Андреев