Мицкоски: Во собраниска процедура да се врати законот за нивелирање на платите

Во собраниска процедура да се врати предложениот закон за нивелирање на платите во образованието и администрацијата за да се избегнат социјалните притисоци и да нема штрајкови, побара денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Допрва ќе има социјални немири и штрајкови. ВМРО-ДПМНЕ поднесе закон со кој се предвидува нивелирање на примањата на вработените во администрацијата и во образованието, согласно коефициентот на сложеноста на работното место и со зголемувањето на минималната плата. Ние предупредувавме дека до ова ќе дојде, но во оваа некридибилна Влада немаше кој да слушне, поради што на народот му е доста од политичари кои водат сметка само за личните буџети, а не и за стандардот на работникот и на граѓаните. Минатиот месец инфлацијата беше 8,8 отсто на годишно ниво и тоа е исклучително висока стапка што ќе ги надмине сите проекции што ги правеше Владата. Затоа, законот треба да се врати во собраниска процедура и да се прифати предлогот на опозицијата и на Синдикатот, изјави Мицкоски.
Во врска со отворената истрага против доскорешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, Мицкоски рече дека најмалку што може да направи премиерот Ковачевски е да им се извини на граѓаните. Според Мицкоски, нема судство, а степенот на доверба во институциите е осум проценти затоа што граѓаните не веруваат во владеењето на правото.