Мицкоски за „27 април“: Aко нема организатори, не може да има терористи

Факт е дека ако нема организатори, не може да има терористи. Никој не вели дека тие луѓе не згрешиле, никој не вели дека тие луѓе не направиле престап, но тие луѓе за тој престап доволно време поминале таму и треба тие што водеа политички монтиран процес да си стават прст на чело и да размислат што прават и што направиле, ја коментираше премиерот Христијан Мицкоски, одлуката за амнестија на обвинетите за случајот организатори за 27 април.
Прашан дали можеби смета дека имало притисок врз судијата, Мицкоски рече дека тој ниту го познава, ниту пак некогаш се видел физички со судијата.
„Можеби за тоа треба да дадат одговор сите оние кои што вршеа притисок да преку еден политички монтиран процес луѓе денеска лежат во затвор седум-осум години поради тероризам. Никој од нив не вели дека не направил грешка, направил, но никако не се терористи. Сега кога веќе е јасно дека нема организатори, не знам како може да има терористи“, изјави Мицкоски, кој денеска (24 јануари)изврши увид на градежните активности на патот Катланово-Градманци.