Мицкоски за демографската рецесија: За четири години загубивме град со големина на Кавадарци

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека е време за држава каде што ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а оние кои што се отселени да се вратат. Според него, демографската рецесија не е проблем само за Македонија, туку и предизвик за цела Европа и пошироко и нагласи дека Влада не го премолчува проблемот, туку креира политики за справување со него. Премиерот додаде дека оваа борба не е само на едно министерство туку на сите општествени чинители.
Иако Македонија е исклучок, посочи премиерот, сепак нашата состојба е посебна, затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е, вели, аларм.
Мицкоски додаде дека во 2024 година се родиле 16.061 деца, а починале 20.201 лица и напомена дека тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година.
-Во последните четири години, изгубивме повеќе од 33.000 жители, како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5 процентни промили во 2010 година на само 8,8 во 2024, истакна премиерот.