Мицковски: Истрага за криминал од епски размери
Мицковски: Истрага за криминал од епски размери

Епски голема истрага која ќе резултира со откривање на криминал од епски размери најави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, а во врска со претресите на истражните органи минатата недела извршени во повеќе градови во земјава поврзани со сомненија за голем финансиски криминал направен при затајување на данок и перење на пари. Премиерот сепак не откри дали екс-функционери се вклучени во истрагата, но најави слични вакви истраги и во иднина.
„Па не би сакал сега да откривам информации околу истрагата, истрагата трае. Можам да кажам дека ќе биде епски голема, со епски криминал, но она коешто можам да го кажам е дека ова е една во низата коишто ќе следи во периодот којшто следи во септември, октомври и така натаму”, рече Христијан Мицкоски, премиер.
Јавното Обвинителство минатата недела информираше дека во рамки на предистражна постапка се извршени претреси на повеќе локации во Струмица, Гостивар и Скопје, а државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во гостување на МТВ рече дека три лица веќе се сослушани и за едно лице се предложени мерки за претпазливост – одземање на пасошот и обврска да се јавува повремено кај определено службено лице или кај надлежен орган. Судот го прифати предлогот и ги определи предложените мерки. Другите три лица кои биле задржани дадоа исказ пред јавен обвинител, по што се пуштени. Од обвинителството за Алсат пак велат дека надлежните органи засега продолжуваат со преземање дејствија во рамки на предистражна постапка, а кога ќе имаат повеќе детали веднаш ќе ја известат јавноста. Претходно и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека станува збор за опсежна акција за направен финансиски криминал од епски размери, но и тој рече дека во интерес на истрагата не сака да открива повеќе детали. Акцијата за наводи за даночно затајување беше спроведена на повеќе од десетина локации на територијата на земјава. Се постапуваше координирано со Обвинителството за гонење на организиран криминал по наредба на судија на претходна постапка, како и заедно со останати државни институции, како УЈП, Министерството за финансии и Царинската управа./Алсат.мк
Михаило Донев