ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицоски предлага избори во април меѓу Велигден и Рамазан Бајрам

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека Владата одбегнува договор за датумот за избори и отвора можност за уставна и политичка криза. Мицкоски кажа дека е срамота што се лиферуваат датуми за избори преку медиумите, но сепак повторно јавно го повика премиерот Димитар Ковачевски да пресече за датум во период кој го определи лидерот на ВМРО. За разлика од претходниот предлог на македонската опозиција да има двојни избори на осми мај, сега Мицкоски понуди за пратеници и за претседател да се гласа во ист ден во периодот меѓу Рамазан Бајрам и Велигден. Односно, сега во игра за опозицијата се неделите на 14-ти, 21-ви и 28-ми април нареднава пролет, освен доколку не се постигне поинаков политички договор за да се гласа во работен ден.

Advertisements

„Мора да се договори датум за редовни избори. Еве му еден предлог, нека земе бел лист хартија и нека напише било кој датум сака помеѓу двата најголеми верски празници идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок“, Рече Мицкоски.

Од друга страна, социјалдемократите повторија дека нивниот став е непроменет. Велат дека се подготвени да разговораат за датуми, но прво за претседателските, а потоа за парламентарните избори.

„Изборите ќе бидат наредната година во редовниот термин. Прво претседателски, а потоа и парламентарни избори и за точниот датум за одржување на овие избори, прво за претседателските, а потоа и за парламентарните, сме спремни да разговараме на ниво на работни групи. Очекувам за брзо тие да се формираат и да почнат со работа“, рече Дарко Каевски – пратеник на СДСМ.

Засега не се знае дали датумите што денеска ги предложи Мицкоски се во согласност со роковникот на Талат Џафери. Имено, спикерот претходно изјави дека единствениот датум на којшто би можеле да се организираат двојни редовни избори е петти мај, но бидејќи на овој датум се чествува Велигден, во игра беше и осми мај, како последен можен ден за организирање втор круг од претседателските избори, зашто наредниот претседател треба да биде инаугуриран на дванаесетти истиот месец.

Поддршка за двојни избори претходно пристигна од албанската опозицијата преку Демократското движење, а од ДУИ одговорија дека за нив секоја варијанта е прифатлива. Единствено што досега се согласија Мицкоски и Ковачевски е датумот за изборите да се договара во меѓупартиска работна група, а не на лидерска средба, но таквата група, иако подолг период се најавува, сè уште не е формирана.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button